Мијушковиќ ќе игра за четврти македонски тим!

Црногорскиот лев бек Богдан Мијушковиќ ја продолжува својата ракометна кариера во Македонија, откако се договори да го облече дресот на Тиквеш за новата натпреварувачка сезона. Ова претставува нов чекор во кариерата на 22-годишниот интернационалец кој во последните неколку години веќе стекна значајно искуство на македонската ракометна сцена.

Мијушковиќ првично се приклучи на Еурофарм Пелистер 2 во втората половина од сезоната 2022/23, што беше негово второ интернационално искуство по настапите во словенечката Добова. Покажа потенцијал што резултираше со приклучување во првиот тим на битолскиот клуб, но не се избори за првотимски статус, па минатата сезона ја мина во редовите на Струга.

Сега Мијушковиќ, кој ги има минато сите младински репрезентативни селекции на Црна Гора и важи за еден од перспективните ракометари на својата генерација, ќе игра во Кавадарци под водство на Кристијан Грчевски, а Тиквеш е четвртиот македонски тим во неговата кариера.