Tимот на Тиквеш и во новата сезона ќе влезе со големи амбиции, а дел од кавадаречкиот состав ќе биде и левиот бек Срѓан Мијатовиќ.
Мијатовиќ ќе ја одработува втората сезона во Кавадарци, откако дојде минатото лето од италијанскиот Сасари.
Во интервју за „Глас Српске“, Мијатовиќ смета дека лигата во Македонија е најизедначена во регионот.
„Лигата во Македонија е навистина сериозна и мислам дека е најизрамнета од сите во регионот. Има неколку навистина квалитетни тимови што се борат за титула. Еурофарм Пелистер, Вардар, тимот од Автокоманда, тука сме ние, па Охрид…Има тука уште неколку незгодни тимови. Лигата е добро организирана, одлично медиумски испратена и Македонците се ракометни фанатици. Посебно е искуството да се игра“, вели Мијатовиќ.
Босанскиот интернационалец вели дека Кавадарци живее за ракометот.
„Кавадарци живее за ракомет. Имаме голема поддршка на сите натпревари. Мислам дека имавме тим кој можеше да направи уште подобар резултат, но имавме проблеми со повредите. Имаше и промена на тренерот, па ни требаше време да се навикнеме на новите барања и тоа влијаеше на нашата игра. Сега повторно сакаме да се вмешаме во борбата за врвот и очекувам уште поквалитетна сезона“, заврши Мијатовиќ.
Тиквеш е во игра за настап и на меѓународна сцена ако добие вајлд-карта за место во Европскиот Куп.