Екипата на Слатина, во која настапуваат двете репрезентативки на Македонија, Јована Мицевска и Јована Саздовска, оствари нова победа во прволигашката конкуренција во Романија.
Слатина во натпревар од 10. коло на свој терен ја пречека екипата на Униреа Доброести и немаше поголеми проблеми да оствари убедлива победа, која беше изразена со 22 гола разлика, 49:27.
Голманката Мицевска бранеше одлично меѓу стативите и натпреварот го заврши со 16 интервенции, на противничките им одбрани пет пенали, со што беше најзаслужна за високиот триумф.
Левото крило Саздовска одигра на висина на задачата и во дадената минутажа на терен постигна пет погодоци од шест обиди.
Настап во првата лига во Романија имаше уште една репрезентативка на Македонија, кружниот напаѓач Сања Дабевска, која го носи дресот на Униреа Слобозиа.
Тимот на Дабевска беше убедлив против Констанца, триумфираше со 34:27, а екс ракометарката на Металург имаше 100% учинок, односно четири од четири.