Екипата на Металург РА освои важни бодови во прволигапкиот плеј-оф, откако на свој терен славеше против Македонија ЃП со 37:34 (19:14) во рамки од 6. коло.
Тимот од Автокоманда со денешната победа се искачи едно место погоре на табелата, сега се наоѓа на 4. позиција со 13 бодови.
Металург РА во текот на целиот натпревар имаше контрола на резултатот, гостите од Ѓорче Петров на моменти покажуваа квалитет, но искуството си го направи своето.
Најефикасен во победничката екипа беше Христијан Крстаноски со шест погодоци, а го следеа Филип Петровски и Андреј Крстевски, кои имаа по пет реализации.
Кај Македонија ЃП убедливо најефикасен заврши Мартин Бучуковски, постигна девет погодоци во мрежата на домашниот тим.
Во следното коло Металург РА ќе му гостува на тимот на Драчево, додека Македонија ЃП на свој терен ќе го пречека Младост Богданци.