Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер го очекува последниот натпревар од групната фаза во Лигата на шампионите за оваа сезона.
Пред дуелот со Колстад, тренерот на екипата, Бранко Ангеловски, направи една паралела со Вардар и Металург во времето кога овие екипи играа во елитното натпреварување.
„Неколку години наназад слушав дека ако ја освоиме титулата, нема да играме вo Битола, ќе треба да одиме во Скопје. Играњето во Лигата на шампионите донесе многу за нашиот град и за нашиот клуб Еурофарм Пелистер. Организациски извлековме повеќе од максимум од оваа сала, ЕХФ даде дозвола да се игра ЛШ во нашиот град. Мене не ми е сеедно што ја завршуваме без победа оваа сезона. Но мора да се знае дека имаме најмал буџет во ЛШ, половина екипи во ЛЕ имаат поголем буџет, па не ја минаа групата. Значи само треба да гледаме напред. Ние сме локален клуб, а Вардар беше национален проект. Ние ги имаме условите да бидеме таков, но за нешто повеќе треба многу повеќе пари, да донесеме уште подобри играчи и да имаме уште подобри резултати. Секој почеток е тежок. Истото беше и со Металург, кој во првата сезона губеше по 15 разлика од екипи како Загреб, Чеховски Медведи, Фленсбург, ја завршуваше групата без бодови, а потоа размислуваше за Ф4“, вели Ангеловски.
Битолчани се вратија во Лигата на шампионите по долго време и играа во група со гиганти од типот на Кил, ПСЖ, Келце, ПИК Сегед….