Ракометарките на Металург Автокоманда славеа на гостувањето кај шампионот Ѓорче Петров со 30-23 и ги спречија „лавиците“ победнички да го прослават доделувањето на титулата.
Избраничките на Јулијана Дамчевска беа подобри од шампионот особено во второто полувреме, откако и на паузата заминаа со плус два, 15-13. Од претходно се знаеше дека овој меч ќе биде ревијален и нема значење за двете екипи на табелата. Ѓорче Петров завршува прв со 39 бодови, додека Металург Автокоманда е втор со 33 бода.
Ништо не им одеше од рака на „лавиците“, а одлична на голот на Металург Автокоманда беше голманката Симона Грујовска.
Симовски се обидуваше да ги мотивира своите избранички да се вратат во мечот, ноне успеаја, па на крајот мораа со пораз да го завршат првенството.
Најдобри стрелци во победничката екипа беа Jaнкуловска, Гугуљанова и сестрите Коцеви со по шест гола, а кај Ѓорче Петров се истакна Анастасија Николовска со седум погодоци.
Сепак сезоната во женскиот ракомет не завршува тука, бидејќи за најдобрите четири екипи следува завршницата во Купот на Македонија следниот викенд во Радовиш.