Металург Автокоманда „испорача“ 50-ка, Скопје се испоти против Ѓорче Петров 2

Ракометарките на Металург Автокоманда прославија трета победа во Женската лига откако славеше против Гевгелија со 52-10. Беше 11-3 во првите десетина минути и стана јасно дека се ќе биде според очекувањата на овој дуел. До паузата домаќинките обезбедија плус 19, 24-5.

Во второто полувреме се изротираа ракометарките, но разликата во полза на Металург Автокоманда само растеше, а сите грешки на гостинките беа казнети со погодоци.  Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Гугуљанова со десет, како и Коцева и Ѓошевска со по девет, додека Динева даде шест за Гевгелија.

Скопје по триумфот кај Стружанка, мораше добро да се испоти за триумф против Ѓорче Петров 2 со 29-27. Имаа безбедна залиха домаќинките од шест гола во првиот дел, но како одминуваше времето, така избраничките на Милева Велкова се враќаа во игра.

По 25-21 за Скопје, младинките на Ѓорче Петров направија комплетен пресврт и поведоа со 26-25. Сепак не го зададоа последниот удар, Скопје заигра подобра одбрана во последните неколку минути и успеа да ги освои двата бода од овој натпревар.

Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Шехтанска и Петровска со по пет погодоци, додека исто толку за гостите даде Велкова.