Металург Автокоманда го победи Чаир и го запоседна врвот!

Тимот на Металург Автокоманда ја потврди својата форма и сериозните амбиции во женската Супер лига, совладувајќи го тимот на Чаир со 27-24 во возбудливиот градски дерби двобој на непоразените екипи.

Сега Металург Автокоманда има 13 бодови на првото место, Чаир е втор со 12, додека актуелниот првак Ѓорче Петров со 11 се наоѓа на третото место, што е најава за возбудлива сезона.

Домаќинките отворија со 4-0, па 5-1, Чаир за момент се врати во игра и намали на 6-5, но на паузата избраничките на Јулијана Дамчевска водеа со 12-8. Сличен тек имаше и вториот дел, Чаир не се предаваше и израмни на 20-20, но кога најмногу требаше погодија Гугуљанова, Божиноска и Коларовска за 23-20, предност што не ја испуштија до крај.

Најдобра на теренот беше Марија Јанкуловска со шест погодоци, а Ана Марија Коларовска додаде пет. Кај Чаир најпрецизни беа Фиоре и Дамчевска со по шест гола, а искусната Величковска стрелаше пет пати.