Ракометарките на Металург Автокоманда славеа на гостувањето во Куманово кај истоимената екипа со 22:18 во натпревар од 3. коло од плеј-оф фазата во Женската лига.
Според очекувањата, двете екипи влегоа со голема мотивација за освојување на бодовите, а до 25-та минута од натпреварот се играше гол за гол. Домашниот тим во еден момент во воведниот дел поведе со плус два, 5:3, но избраничките на Дамчевска бргу израмнија.
По нерешените 9:9, гостинскиот тим направи серија од 3:0 и се одлепи на 12:9. До крајот на полувремето Металург Автокоманда воспостави контрола и на пауза замина со резултатска предност од плус три, 14:11.
Куманово никако не можеше да направи камбек во вторите 30 минути, во кои двете екипи ги зголемија грешките, но гостинот од Автокоманда подобро се снајде на теренот. Домаќинките во 50-та минута имаа напад за минус еден, а гостинките успеаја да се одбранат.
Металург Автокоманда во последните десет минути влезе со предност од 18:15, во 55-та минута имаше плус два, 19:17, додека во последните пет минути успеа целосно да го надигра домашниот тим.
Најефикасна кај победничката екипа беше Марија Јанкуловска со пет погодоци, четири постигна Михаела Кралева, три додаде екс ракометарката на Куманово, Јана Ѓошевска.
Црногорската интернационална Сузана Зечевиќ беше расположена во поразениот табор, натпреварот го заврши со девет погодоци.