Металург Автокоманда е вицепрвак на Македонија

Металург Автокоманда го совлада составот на Чаир со 36-27 и го потврди пласманот на второто место на табелата во Женската лига.

Избраничките на Јулијана Дамчевска имаат 31 бод на второто место на табелата, а Чаир остана на третото место со 25 на коло пред крајот.

Чаирчанки со скратен ростер парираа во првото полувреме, беше егал 6-6, иако домаќинките поведоа со плус четири, сепак Чаир успеа да ја преполови негативата, 16-14. Во продолжение на теренот влезе Котевска, во финишот на полувремето Металург Автокоманда си ја врати највисоката предност, 19-15, па во вториот дел беше полесно.

Тој мина комплетно во знакот на домашните ракометарки, Гугуљанова и Јанкуловска беа ударните игли во нападот, во последните десетина минути им се придружи и Беровиќ, па на крајот Металург Автокоманда славеше убедливо.

Јанкуловска со 14 гола беше најдобра во победничкиот тим, а Чаир ја имаше расположената Дукоска со 11 гола, таа имаше поддршка од Алексоска со седум, но тоа не беше доволно за позитивен резултат на овој меч.

Во последното коло, Металург Автокоманда ќе игра на гости кај шампионот Ѓорче Петров, додека Чаир ќе го пречека Вардар.