Металург Автокоманда договори одлично засилување – доаѓа Сара Цветановска

Македонскиот вицепрвак Металург Автокоманда договори уште едно квалитетно засилување пред стартот на новата сезона во која ќе влезе со големи амбиции на домашна и меѓународна сцена.

Станува збор за досегашниот капитен на Куманово, Сара Цветановска, која замина од матичниот клуб и за првпат ќе заигра за друг клуб. Цветановска, чија природна позиција е пивотменската, одлично се снаоѓа и на плејмејкерската позиција.

Претходно Металург Автокоманда ги договори Слободанка Кицеска, Ива Божиноска, Анастасија Николовска, Петра Јершек, Ана Марија Коларовска, кои играа во Ѓорче Петров и Сара Ристовска, која доаѓа од Вардар.

Договорите беа продолжени со голманката Софи Гошевска, десните крила Мина Ѓурческа и Марија Гугуљанова, левите крила Сара Миновска и Јана Ѓошевска, кружните напаѓачи Ивана Димоска и Александра Коловска, како и левите бекови Таида Беровиќ и Марија Јанкуловска.

Металург Автокоманда минатата сезона го освои второто место и играше на Ф4 во Купот на Македонија, а претстојната сезона покрај на домашна сцена, ќе биде активен и во ЕХФ Европскиот Куп.