Meрк меѓу мајчинството и ракометот: Не одам на Мундијал без бебето!

Норвешката ѕвезда Нора Мерк (34), една од симболите на светскиот женски ракомет, би можела да го пропушти Светското првенство во Германија и Холандија, кое започнува кон крајот на ноември, поради административен проблем со пасошот на својата ќерка.

Мерк, која минатата година го освои златото на Олимписките игри во Париз, направи пауза од националниот тим за време на бременоста, а во мај 2025 година стана мајка – доби ќерка со шведскиот репрезентативец Џери Толбринг.

По неколку месеци, десниот бек на Есбјерг повторно се врати во норвешкиот национален тим, со желба да настапи на Светското првенство. Но, сега се соочува со неочекувана пречка.

„Проблемот е што бараат оригинален извод од матичната книга на родените. Таткото е Швеѓанец, јас сум Норвежанка, а ќерката е родена во Данска. Не можеш да добиеш оригинален документ ако детето не е крстено,“ изјави Мерк за „ВГ“.

На прашањето дали тоа значи дека постои можност да не отпатува на првенството, Нора одговори искрено.

„Да, можно е. Не можам да бидам три недели одвоена од шестмесечно бебе. Тоа е предолго за мене. Ако дојде до ситуација да бирам меѓу мајчинството и настапот на Светското, тоа ќе биде пресудно“, потенцира Мерк.

Селекторот на Норвешка, Оле Густав Гјекстад, изрази надеж дека ситуацијата ќе се реши во најбрзо време.

„Постојат многу комплицирани околности, но и само едно вистинско решение – норвешките власти итно да издадат пасош за детето“, изјави Гјекстад.