Со натпреварот меѓу „витамините“ од Автокоманда и Овче Поле, беше отворено 16. коло во Првата лига, а домашниот тим стигна до убедлива победа од 45-23.
Избраниците на Миле Бочкаровски уште во првото полувреме ја најавија победата, откако на пауза заминаа со висока предност од 22-9, а потоа беше само рутинско одработување на задачата.
Најефикасен во победничкиот состав беше Јулијан Матески со девет погодоци. Дарјан Ѓоќески постигна шест, додека по пет реализации запишаа Немања Џигероски и Стефан Ѓоргиевски.
Кај гостинскиот состав најефикасни беа Кристијан Коцевски и Андреј Игњатов, кои постигнаа по пет погодоци.

























