Матеј Тричковски победува во Португалија – ем игра успешно ракомет, ем студира

Образованието го доведе во Словенија, а потоа и во Португалја, но за Матеј Тричковски ракометот се уште е на врвот. Македонскиот пивотмен успешно настапува во екипата на поранешниот португалски шампион Вела де Тавира во Втората лига. И екипата од југот на земјата, гратче што е во близина на многу попопуларниот Фаро, сериозно се бори и има шанси за враќање во елитата.

Годинава клубот слави 50 години од постоењето, и има тим кој би требало да го врати на старите патеки, и да го внесе ранг повисоко. Тричковски е еден од пивотмените кои дава свој придонес, а клубот веќе размислува да му понуди и нов договор. Сепак, образованието е на прво место, иако не е невозможно да преовладее љубовта кон ракометот.

На македонскиот играч му предвидуваа добра спортска кариера уште додека беше во младите категории и настапуваше за екипата од Автокоманда. Иако имаше понуда да остане, реши првенствено да му се посвети на образованието, и патот го однесе во Словенија, каде беше дел од тимот на Копер, но тренираше и во клуб предводен од Матјаж Брумен, кој сакаше да ја продолжи соработката. Но, Португалија беше новиот предизвик.

Сега во Португалија повторно се докажува, и со успех, и пак е во тим кој граби и веројатно ќе игра во ранг повисоко, со најдобрите. Во моментов во Португалија настапува едниствено Филип Талески. Два клуба од Првата лига на Португалија веќе покажале интерес за Матеј, и го поканиле на тренинзи кај нив.

Иако географски далеку, Тричковски неуморно студира и се едуцира, но и ракометно покажува дека искуството што го собира може да му донесе и посериозен трансфер. Дотогаш, важен е пласманот во Првата лига, но и завршувањето на студиите.