Ракометниот клуб Ал Духаил од Катар официјално започнува нов циклус со ангажманот на шпанскиот стручњак Мартин Амброш за нов главен тренер на првиот тим. Назначувањето на еден од најтрофејните тренери во светскиот ракомет е јасен сигнал за амбициите на клубот да направи исчекор на меѓународната сцена и да ги одбрани освоените трофеи дома.
Мартин е познат по тоа што има водено женски екипи и освојувано многу трофеи, трофеи и медали. Ова ќе му биде првпат да води машки тим со вакви амбиции, и надвор од Европа.
Тој неодамна замина од Шпанија каде беше сменет од селекторската позиција во женската репрезентација.
Ал Духаил во последните години е еден од најстабилните и најамбициозни спортски колективи во Катар, со јасна стратегија за привлекување врвни странски стручњаци и зајакнување на ракометниот сектор. Клубот редовно се бори за највисоките пласмани на домашната сцена и има амбиции за поголема конкурентност во азиските натпреварувања.
Ангажманот на Мартин доаѓа во момент кога Ал Духаил сака да го подигне нивото на организација, тактика и професионализам, користејќи европско знаење и искуство. Шпанскиот тренер носи богато искуство од работа со врвни национални селекции и клубови, како и јасна победничка филозофија.
Како тренер, тој постигна огромни успеси на клупско ниво – најмногу во Ѓер, каде што четири пати ја освои женската Лига на шампионите (2013, 2014, 2017, 2018), предводејќи една од најдоминантните женски екипи на континентот. Ја предводеше репрезентацијата на Русија до бронзен медал на Светското првенство во 2019 година во Јапонија, кога неговиот тим ја победи Норвешка со 33:28.
Тој исто така има богато тренерско искуство со национални тимови, вклучително Романија, Русија и, неодамна, Шпанија, како и клупски ангажмани во Русија (Ростов Дон) и Словенија (Крим), каде под негово водство тимот забележа значајни резултати.
Мартин пет пати е избран за најдобар тренер во Женската Лига на шампионите, што го става меѓу најреномираните тренерски имиња во светот на ракометот.


























