Македонските репрезентативци со триумфот над Катар си го обезбедија најмалку петтото место на табелата во главната рунда, односно во ТОП 20 на СП.
Кружниот напаѓач Никола Маркоски, еден од најискусните во македонскиот состав против Катар беше и голгетерски расположен, иако неговата главна задача е одбраната.
„Против Катар беше одлично одиграно од наша страна, тоа што беше договорено го спроведовме на теренот. Играме одлично цело првенство. Примивме гол, нивниот беше празен, па ете погодив. Такви шанси не се пропуштаат“, вели Маркоски.
Тој заедно со Пешевски секогаш се подготвени за совети за помладите на пикерската позиција.
„Нормално дека на тренинзи бараат совети како за во одбрана така и за во напад, а ние поискусните секогаш се обидуваме да помогнеме за тие да станаат уште подобри“, продолжи Маркоски.
Следен ривал на Македонија е големата Франција.
„За Франција не треба да се трошат зборови, знаеме која е. Ние како и секогаш, ќе дадеме се од себе за да одиграме максимално квалитетен натпревар. Никогаш не се знае, топката е округла“, заврши Маркоски.
Натпреварот меѓу Македонија и Франција се игра утревечер со почеток во 20:30 часот во „Вараждин Арена“.