Марко Копљар ја заврши играчката и веднаш почнува тренерска кариера

По испаѓањето од елитната Бундес лига, германскиот клуб Потсдам го ангажираше Марко Копљар како помошник-тренер на главниот стратег Емир Куртагиќ.

Хрватскиот десен бек ја заврши играчката кариера и веднаш реши да започне со тренерската, и тоа не било каде, туку во Германија.

Спортскиот директор на Потсдам, Боб Ханинг не криеше задоволство од потпишувањето на Копљар.

„Многу ми е драго што успеавме да го реализираме желбата на Емир. Марко беше пример за професионалец додека играше за Фуксе Берлин. Често разговараше и работеше со нашите млади играчи – затоа верувам дека ќе биде совршено надополнување за нашиот стручен тим“.

Копљар, кој ја заврши играчката кариера во јуни, е возбуден за новата улога.

„Навистина се радувам на мојата прва тренерска функција. Ќе дадам сè од себе за да помогнам во развојот на младите таленти и да бидам потпора на клубот на секој можен начин“.

Во март оваа година, Копљар кратко се врати на теренот – се приклучи на Фленсбург поради повредата на Кај Смитс. Тој одигра 13 натпревари во Бундес лигата.

Во својата богата кариера, Марко Копљар играше за некои од најголемите европски клубови Загреб, ПСЖ, Барселона, Веспрем, како и Фуксе Берлин.