Марија Анчева останува столб на Астибо

Ракометарката што неколку сезони наназад е најдобар стрелец во Женската лига, Марија Анчева, и во наредната сезона ќе го носи дресот на штипски Астибо.

Штипскиот клуб оствари историски успех и се пласира за првпат во плеј-офот, а Анчева имаше значајна улога во остварувањето на таа цел.

Покрај играчката кариера, Анчева активно работи и од другата страна на теренот, како тренер на пионерската екипа на Астибо со која стигна до Ф4 турнирот.

Во кариерата, Анчева покрај дресот на Астибо, ги носеше и дресовите на Кожувчанка, Овче Поле СУ, Гевгелија и Пелистер, со кој имаше европски настапи.

Астибо го задржа темелот на составот, а допрва треба да го надоградува за успешен настап наредната сезона во Женската лига.

Од Штип си заминаа Елена Вучевска и Наталија Манева, а претходно и Анастасија Сентовска, кои ќе играат за Овче Поле СУ. Раководството на штипскиот тим активно работи на составуањето на ростерот и се очекуваат четири-пет нови ракометарки.