Хрватскиот десен бек Матео Мараш, кој сега е член на унгарскиот тим Татабања, две сезони од кариерата мина во Еурофарм Пелистер.
Tој дојде во Битола во ерата на Жељко Бабиќ и остави одличен впечаток, а по настапите во „Боро Чурлевски“ се пресели во Унгарија со Периќ, Секељ и Обрадовиќ.
Младиот Мараш се потсети на времето минато во Битола и вели дека тој трансфер за него дошол во вистинско време.
„По настапите за Балиќ-Метличиќ патот ме однесе во Македонија. Тоа беше приказна што траеше две сезони. Во Еурофарм Пелистер имав убава авантура, тренер беше Жељко Бабиќ. Играв во добар клуб, луд град, луди навивачи, тој менталитет таму ми се допаѓаше многу и мислам дека тој трансфер дојде за мене, а и за клубот во вистинско време“, вели Мараш.
Мараш сега е стандарден репрезентативец на Хрватска, а новиот селектор Горан Перковац сигурно ќе смета на него на претстојното Европско првенство во Германија.