Ракометарите на Тиквеш во последното коло од регуларниот дел од сезоната беа поразени на свој терен од актуелниот вицепрвак на Македонија со 25:23 (13:12).
Тиквеш по денешниот пораз заврши на 3. позиција во групата А и во плеј-офот ќе пренесе само бод.
Мартин Манасков го анализираше поразот од составот на Кире Лазаров истакнувајќи дека промашените зицери и нереализираните седмерци биле причина за загубената битка.
,,Ова беше заслужена победа на гостинскиот тим, пресудно за поразот беа промашените зицери и пенали, вкупно пет. Имавме неколку технички грешки, но тие кои бевме во составот изгинавме на овој меч, веќе еден месец не можеме глава да кренеме од повреди и болести, денес бевме речиси една постава, го издржавме овој терет, но тоа не беше доволно за да израдуваме домашната публика. Нашата цел за овој дел ја остваривме, тоа беше пласман во плеј-офот, можеби не како што планиравме, но сега не очекува нова битка и со нови сили од јануари ќе се подготвуваме да бркаме повторно излез во Европа”, изјави Манасков.
На Тиквеш во дуелот со итмот од Автокоманда му недостасуваа неколку играчи, еден од нив беше кружниот напаѓач Никола Стефановиќ.
,,Многу ни фалеше Никола Стефановиќ, кога ќе се повреди играч на седум дена пред мечот малку е тешко да се изменат работите во тактиката, но тие сме играчите и мора да издржиме до крај. Во плеј-офот се надеваме дека ќе ја радуваме публиката и ќе ја оствариме целта што ни остана”, заврши Манасков.
Кавадарчани регуларниот дел од сезоната го завршија со 11 победи и три порази.
Тиквеш ја загуби драмата во Кавадарци и пренесува само бод во плејофот