Манасков нема да игра за Македонија: Моите односи со селекторот Лазаров се нарушени…

Левото крило Дејан Манасков нема да биде од националниот тим на Македонија во претстојната ЕХФ недела.

Тој во своето обраќање потенцира дека неговите односи со селекторот Кирил Лазаров се нарушени и нема да се појави на собирот.

„Би сакал да ја информирам цела македонска јавност и сите медиуми дека во моментов, за доброто на националниот тим, нема да настапувам за македонската ракометна репрезентација. Ќе бидам искрен и краток во моето обраќање и објаснување на одлуката.

Во изминатите единаесет години, колку што настапувам за македонската селекција, секогаш со чест и гордост го носев светот дрес. Се борев и настапував секогаш со цело срце.

Моите односи со селекторот Кирил Лазаров се нарушени и не гледам простор во моментов истите да се подобрат. Последните две години неправедно бев неповикуван. После сè што дадов, чувствувам дека Македонија премногу лесно се откажа од мене. Тоа премногу ме погоди и после долго размислување ја донесов оваа одлука.

Им посакувам многу среќа и успех на репрезентативците во следниот период. Дотогаш ќе бидам ваш најголем навивач и поддржувач. До некое следно видување Македонијо!“, вели Манасков.

Македонија во оваа ЕХФ недела ќе игра пријателски натпревари во Скопје и Куманово против селекцијата на Јапонија, како дел од подготовките за настап на ЕП 2026.