Малус: Покажавме карактер, сега ни треба поддршка

По поразот во Лисабон во првото коло од Главната фаза на Лига Европа, брзо стигна отрезнувањето за Вардар кој триумфално се врати од Автокоманда во домашното првенство. Победничката песна пак се пее во соблекуваната на „црвено-црните“, но сега треба да се продолжи тој пат. Следува тежок период за вардарци исполнет со важни и тешки мечеви. Првиот е утре во Лига Европа против Мелсунген.

Германскиот тим е прв на табелата и речиси сигурен патник во осминафиналето, бидејќи има 6 бода. Вардар има 2 бода, исто колку Бенфика и Кристијанштад. Сега бундеслигашот доаѓа во Скопје.

За Јака Малус важно е публиката да биде нивни осми играч, зашто со полна сала полесно се игра.

„Сите знаеме што е екипата на Мелсунген, но мислам дека после мечот во Автокоманда покажавме дека имаме карактер, после еден пораз не паднавме, не сме заборавиле да играме ракомет. Мораме да одиме на победа, заслужуваме да имаме полна сала, со таква атмосфера ќе ни биде полесно. Екипите во Германија не знаат што значи ваква атмосфера, да ни помогнат и да победиме на мечот и да направиме чекор кон нашата цел, вели Малус.

Средбата Вардар – Мелсунге е закажана за утревечер од 20,45 часот во СЦ „Јане Сандански“