Maла надеж за место на Мундијалот: ИХФ ќе додели уште една вајлд-карта!

По комплетирањето на европските квалификации за СП 2025 и на првенството на Северна Америка и Кариби, познати се 30 учесници на Мундијалот во Германија и Холандија. Остануваа уште две слободни места – едното е резервирано за претставник од Средна и Јужна Америка, додека второто за вајлд-карта што треба да ја потврди ИХФ.

Претходно светската куќа на ракометот додели една вајлд-карта на Кина, а се очекуваше втората да биде во рацете на САД откако тоа беше најавено уште во 2021 година на Конгресот на ИХФ, но очигледно одлуката ќе биде променета.

Условот што тогаш им го наложи ИХФ на САД е да достигне одредено ниво и да има некаков успех, но тоа не се случи, па со оглед на тоа што низ текстовите на ИХФ не се споменува никаде дека втората вајлд-карта ќе оди за САД, би требало да заврши кај европска селекција.

Македонија е една од елиминираните европски селекции, која загуби со вкупна негатива од шест гола од Полска, па РФМ допрва треба да аплицира за вајлд-карта, но ќе има силна конкуренција, бидејќи истото би можеле да го сторат и Хрватска и Словенија, кои се со многу повисок рејтинг од нас, како и селекции од типот на Турција, Украина, Италија…

Средна и Јужна Америка не го исполнија условот (да имаат најмалку двојно повеќе селекции на првенството – осум, од бројката на тимови што се квалификуваат на СП – четири), и тоа место би требало да оди во вајлд-карти според пропозициите за пласман на СП. Како и многупати досега, ИХФ ќе направи исклучок и веројатно ќе го додели на Парагвај или Чиле, иако овие селекции немаат ракометна историја и не се прослави со некакви успеси на Мундијалите.

Покрај домаќините Холандија и Германија, од Европа на СП место обезбедија светскиот првак Франција, како и трите медалисти од ЕП 2024 – Норвешка, Данска и Унгарија. Преку квалификациите таму се најдоа 11 европски селекции – Полска, Србија, Шпанија, Швајцарија, Фарски Острови, Чешка, Романија, Шведска, Исланд, Црна Гора и Австрија.

Од Азија на СП 2025 патуваат Кореја, Иран, Казахстан и Јапонија, додека од Африка таму се пласираа Ангола, Тунис, Египет и Сенегал. Од Северна Америка и Кариби претставник ќе биде Куба, додека од Средна и Јужна Америка мундијалски билет обезбедија Бразил, Аргентина и Уругвај.

СП ќе се игра од 26 ноември до 14 декември годинава во пет града – Дортмунд, Трир, Штугарт, Хертогенбош и Ротердам, каде е закажан финалниот викенд.

Ждрепката за групите за СП 2025 ќе се одржи на 22 мај.