Најдобрата македонска судиска двојка, Ѓорѓи Начевски и Славе Николов, и оваа година се дел од најстариот и најпрестижен ракометен турнир на Балканот – ТВ турнирот на шампионите во Добој, БиХ. Овој елитен турнир, кој веќе повеќе од половина век привлекува врвни клубови од Европа и светот, и годинава им ја довери една од најголемите задачи – судење на големото финале.
Македонските судии и лани исто така го судеа финалето во Добој, а повеќе од една деценија се дел од овој турнир.
Но пред финалната вечер, македонските арбитри ќе имаат уште еден значаен предизвик – да ја делат правдата на спектакуларниот дуел меѓу унгарскиот гигант Веспрем и африканскиот шампион Ал Ахли. Оваа пресметка е закажана за вечерва од 20:00 часот и ветува врвен ракомет, со оглед на квалитетот на двете екипи.
Финалето на турнирот ќе се одигра утре во истиот термин од 20:00 часот, а токму Начевски и Николов ќе бидат тие што ќе се грижат за регуларноста на најважниот натпревар. Пред финалето, во текот на денот, ќе се одиграат и мечевите за пласман, кои ќе го одредат конечниот распоред на сите учесници.
Годинешното издание на турнирот е вистинска ракометна фешта – покрај Веспрем, Ал Ахли и домаќинот Слога Добој, на турнирот настапуваат и германскиот Гумерсбах, турскиот шампион Бешикташ и европскиот гигант Кил. Присуството на вакви клубови ја потврдува репутацијата на ТВ турнирот во Добој како место каде што се среќаваат шампионите, а чест е што дел од оваа ракометна елита се и македонските судии.
Начевски и Николов уште еднаш ја потврдуваат својата светска класа и угледот што го уживаат во меѓународната ракометна сцена, а нивното присуство во финалето е уште едно признание за македонскиот ракомет и судиите од нашата земја.