Македонските младинци вторпат тримфираа над Словачка

По вчерашната победа над Словачка со 31-28, младинската репрезентација на Македонија славеше вторпат над истиот ривал, овојпат поубедливо со 32-28.

Од почетокот до крајот Македонија диктираше темпо, имаше контрола на резултатот, а селекторот Наум Танески им даде шанса на сите ракометари да играат.

По 3-3 на стартот, нашите момци си го „фатија редот“ и полека ја градеа предноста, која во еден дел од првото полувреме изнесуваше плус седум, но на пауза Македонија замина со водство од шест, 20-14.

Во второто полувреме немаше големи возбудувања, Македонија водеше и со девет погодоци, а Словаците го искористија малото опуштање во финишот за да го направат поразот поднослив.

Предводници на македонскиот напад беа Давид Јаневски со седум гола, по четири пати погодија Јулијан Матески и Мики Лазов. Ова беа два контролни меча како дел од подготовките за настапот на ЕП за младинци во Романија идното лето.