Шампионот најде тренер – Шпанецот Алонсо на кормилото на Еурофарм Пелистер!

Шпанскиот стратег Раул Алонсо ќе биде нов предводник на македонскиот шампион Еурофарм Пелистер. Тој потпиша договор до крајот на оваа и за следната сезона, па ќе остане во Битола најмалку до летото 2026 година.

45-годишниот Раул Алонсо голем дел од својата ракометна кариера како тренер ја мина во Германија. Тој работеше во Обернбург, Рајн Мен Бинен, а од 2010 до 2015 година беше дел од стручниот штаб на големиот Кил.

Со „зебрите“ стана двоен европски првак како асистент на Алфред Гисласон, а заедно освоија и серија на домашни трофеи од Бундеслигата, Купот и Супер Купот на Германија.

Потоа стана директор на академијата на Кил, а напоредно работеше и во Германската ракометна федерација. Самостојна кариера почна во Австрија, каде со успех го водеше Тирол. Во 2018 година ја прифати понудата на Маноло Каденас и се пресели во Мешков Брест како асистент тренер.

По само една сезона го презеде кормилото на белорускиот првак и не погреши. Во две сезони како прв тренер на екипата ги освои сите домашни трофеи и стигна до четвртфиналето и осминафиналето на Лигата на шампионите. Во 2022 година Раул се врати во Германија и го водеше тимот на Ерланген.

Тој би требало да го има своето деби на клупата на Еурофарм Пелистер веќе на мечот со Прилеп в петок, додека во Лигата на шампионите ќе дебитира на дуелот со данската Фредериција.