Дуелот меѓу Вардар и Еурофарм Пелистер што во 19,30 часот е закажан за играње во СЦ „Јане Сандански“ освен што ќе биде решавачки за шампионската титула, и последен сезонава, ќе биде и проштален за Драган Начевски, судиско-делегатска легенда.
Тој поради старосната граница поставена од ЕХФ и РФМ нема да може во иднина да биде делегат, па ова ќе биде негов последен ракометен меч на кој ќе биде дел од официјалните лица и ќе седи на записничката маса. Повторно ќе биде дел од меч кој е решавачки.
Поранешниот генерален секретар на РФМ долги години заедно со Марјан Начевски беа првите Македонци што ја делеа правдата на ЕП, на СП и на Олимписки игри, во ЛШ. Беа првите што судеа европско ракометно финале. Беше „мајстор“ на својот занает – судискиот. Го отворија патот на следните македонски судии кои продолжија да бидат „најдобри“ во европски исветски рамки.
Беше дел од создавањето на историјата на македонскиот ракомет, на признавањето на РФМ во рамките на ИХФ и ЕХФ.
По завршување на судиската кариера Драган Начевски продолжи како делегат, и тука имаше уште поголеми успеси. Во кариерата има повеќе од 60 големи натпреварувања, Лига на шампиони, европски купови, ЕП, СП, ЛОИ… во сите категории на кои бил делегат. Неколку мандати беше и одговорен за судиите во ЕХФ и работеше на нивната едукација.
Вистнска ракометна легенда.