Македонска колонија во Втората лига на Грција

Адријано Котевски, поранешниот тренер на ЖРК Деспина, ќе ја започне својата прва интернационална авантура во новата сезона, откако постигна договор со грчкиот второлигаш Аминтас. Овој чекор претставува значаен исчекор во неговата тренерска кариера, бидејќи за првпат ќе работи надвор од границите на Македонија и тоа во машка конкуренција.

Прилепчанецот Котевски во текот на својата кариера ги предводеше тимовите на ЖРК Пелистер, Македонија Ѓорче Петров и ЖРК Деспина. Покрај работата на клупско ниво, тој има и репрезентативно искуство, како дел од стручниот штаб на македонската женска кадетска репрезентација која настапи на Европското првенство во Црна Гора во 2023 година.

Грчкиот второлигаш по ангажманот на тренерот Адријано Котевски, потпиша договори и со тројца ракометари од Прилеп – Синиша Павлов, Стефан Лозаноски и Владимир Трајкоски. Со тоа, тимот од Грција полека прераснува во вистинска македонска колонија.

Интересно е што тројцата бекови имаат заедничка историја. Лозаноски и Трајкоски, кои настапуваат на позициите среден и лев бек, веќе играа во Грција во изминатата сезона како дел од тимот на Аеропос Едеса, а Трајкоски има и дополнително искуство со Панелиниос.

Синиша Павлов, доаѓа од Борец ФЛ и игра на позицијата десен бек, исто така се одлучи за преселба во Грција. Тој, како и Лозаноски и Трајкоски, е производ на прилепската ракометна школа и претходно настапуваше за Голден Арт, Радовиш и Скопје. Има и странско искуство во Чешка со Маломерице, како и во Косово со Вјоса.