Женската младинска репрезентација на Македонија денеска ја очекува првиот предизвик во главната рунда на Мундијалот во Скопје.
Селекцијата на Португалија е ривал, а оваа репрезентација ги победи Иран, Узбекистан и Црна Гора и без пораз обезбеди место во ТОП 16.
Селекторот Хозе Антонио Силва вели дека мора да бидат подготвени за различни сценарија.
„Наш следен противник е Македонија и на овој натпревар ќе пристапиме со најголема внимателност како и секогаш. Во вакви натпревари, соочувањето со домашната селекција секогаш носи некои дополнителни потешкотии, па затоа мораме да одиграме многу ефикасен натпревар. Тоа е тим кој има различни одбранбени системи и може, на пример, да игра 6:0 или 3:2:1, па мораме да бидеме подготвени за различни сценарија, бидејќи може да имаме проблеми. Според она што го видовме, верувам дека тоа е тим против кој може да играме и ќе се бориме за победа која би била многу важна за место во четвртфиналето“, вели Силва.
Натпреварот меѓу Македонија и Португалија се игра денеска во СЦ „Борис Трајковски“ со почеток во 16:15 часот.