Македонија загуби во драматичен меч од Египет

Со гол од пенал на девет секунди до крај Египет триумфираше против Македонија 19-18 (10-10) со што го направи турнирот Македонија интересен до последните мечеви утре. Сега и на Египет му се отвори шанса да биде победник бидејќи има два бода, а утре игра против Тунис. Македонија исто така има два бода, а Грција е лидер со три бода.

Утре се играат средбите Египет – Тунис и Македонија – Грција. Одигра Македонија со подеми и падови во играта, со осцилации дозволувајќи му на ривалот да се врати во игра, а во вториот дел и да има водство. Двапати Македонија имаше предност од „плус 3“ во првото полувреме (7-3 и 9-6), но и на двапати му дозволи на противникот да израмни. Не одигравме константно, туку со падови кои Египет ги казни. Во последната минута израмни на 10-10, а ние имавме иможност да поведеме со еден гол. Сепак остана нерешено.

Во второто полувреме Египет на самиот почеток поведе, и имаше и водство од два гола (15-13), но Македонија успеа да израмни. Во 53 минута при водство 17-16 за Египет, се изборивме за пенал но Ризоска не го реализираше. Египет имаше играч помалку и напад, но направија техничка грешка, а Џатеска погоди од центара на празниот гол на Египет за ново израмнување, 17-17.

Последните пет минути беа решавачки, а Македонија преку Кипријановска поведе со 18-17. Но, Египет не го искористи исклучувањето на Ана Марија Коларовска, бидејќи направија техничка грешка и Македонија пак имаше шанса за зголемување на водството. Игравме без голман, но ударот на нашиот напад заврши во рацете на египетската голманка.

Го искористија „играчот повеќе“ гостинките и од крило израмнија на 18-18. Наместо гол, ја загубивме топката во напад, Египет имаше контра, а Џатевска направи прекршок за пенал и доби трето исклучување. Ударот на Египет заврши во стативата, а топката се одби до нашите ракометарки кои влегоа во последната минута со можност да организираат напад. Имавме два удари по ред кон голот на Египет, и двата завршија во гостинската голманка.

На девет секунди до крај од пенал Египет од пенал го постигна победничкиот гол за триумф.