Македонија вторпат загуби од Полска и го заврши сонот за СП

Женската репрезентација на Македонија не успеа да обезбеди пласман на Светското  првенство 2025, откако по вторпат загуби од Полска со 23:21. На првиот натпревар, кој беше одигран пред неколку дена, ракометарките на Полска триумфираа со четири гола, 22:18.

Во исполнетата „Боро Чурлевски“, навивачите беа осмиот играч на нашата репрезентација и некаде до 45-та минута, сите опции беа во игра, но во последните десет минути Полска на искуство не дозволи да има сензација.

По неколкуте нереализирани напади на двете страни и ,,безброј” грешки, првиот гол на натпреварот го постигна Полска преку искусната Кобилинска за 1:0 во 5-та минута, а минута подоцна Олек погоди за 2:0. Македонија преку Дамјановска го постигна првиот гол за 2:1, но гостинките бргу возвратија за 3:1.

Одбраната на нашата репрезентација делуваше според посакуваното, па така избраничките на Грчевски израмнија на 3:3. По десет минути игра резултатот беше 4:4. Следуваше период на грешки, во три ситуации Македонија не ја искористи шансата за предност, а кон средината на првиот дел гостинките реализираа за 5:4. Откако Македонија пропушти два напади за израмнување, репрезентацијата на Полска зголеми на плус два, 6:4.

Сепак, ниту гостинките не играа како што треба и „црвено-жолтите“ со два гола во низа израмнија на 6:6. Мицевска влезе во елемент, по нерешените 7:7, одбрани пенал, а Младеновска во следниот напад погоди за првото водство на Македонија, 8:7.

На три минути пред крајот на првиот дел, незгодна повреда заработи Ангела Јанкуловска. Ракометарките на Полска ја вратија предноста, поведоа со 9:8, нашите ракометарки израмнија на 9:9, во последната минута двете репрезентации постигнаа по еден гол, па по 30 минути игра беше 10:10.

Вториот дел започна ефикасно, па за неполни шест минути беа постигнато седум гола, а Полска ја врати максималната предност од првиот дел, поведе со плус два. За разлика од првиот дел, двете репрезентации полесно доаѓаа до погодок, но проблем за Македонија беше тоа што никако не можеше да фати ритам за предност.

По предноста на Полска од 16:14, Македонија со мини серија израмни на 16:16, имаше напад за предност, но Саздовска направи чекори и гостинките казнија за 17:16. Македонија израмни на 17:17, имаше неколки ситуации да поведе, но повторно недостасуваше реализација.

Беше 18:18 во 48-та минута, а три минути подоцна предноста на Полска беше 20:18. Гостинките подзастанаа, нашата репрезентација ја зацврсти одбраната и повторно израмни на 20:20. Веќе во 55-та минутам при предност на Полска од 21:20, јасно беше дека Македонија ќе го заврши сонот за мундијалска виза.

Најефикасна во репрезентацијата на Македонија беше Катерина Дамјановска со пет погодоци, четири имаше Ива Младеновска, по три постигнаа Ангела Јанкуловска и Јована Саздовска.

Македонија – Полска