Македонија вторпат загуби од Австрија

Женската репрезентација на Македонија загуби на втората пријателска средба од Австрија со 34-21. Победникот беше најавен уште во првото полувреме, кога домаќинките во Брегенц направија солидна залиха, што ја дуплираа во вториот дел, кога играа ракометарките од младинската репрезентација на Македонија.

По 2-2 на стартот, домашните отидоа на плус шест, 8-2, а сите шест гола домаќинките ги постигнаа по наши грешки во нападот. Погодуваа Фреј, Томасини, Дедиќ…а во продолжение беше и 11-4.

Мицевска фати неколку удари, македонската одбрана проработи и преку Ристовска и Коларовска, нашите ракометарки врзаа три гола по ред за 11-7. Не искористивме три напади за уште повеќе да ја намалиме предноста на Австрија.

Затоа казната стигна и еден од домаќините на ЕП 2024 се одлепи одново на плус седум, 14-7, а на паузата замина со шест гола предност.

Во вториот дел Ристовска не влегуваше на терен, а од стартот не играа ниту Саздовска и Гичевска, па ротацијата беше скратена. На теренот практично беше младинската селекција со Младеновска, Ризоска, Стефаноска, Дуоска, Коцева…

Искуснит состав на Австрија со сестрите Панџа, потоа Фреј, Дедиќ…знаеше како да ги казнува македонските грешки и во еден момент имаше двоцифрена предност, а Иванчок и Блажек се надополнуваа на голот, па немаше дилеми околу победникот.

Најдобри стрелци во македонскиот тим беа Сара Стефаноска и Сара Ристовска со по четири погодоци, додека по три пати реализираа Ана Марија Коларовска и Емилијана Ризоска.

Ова беше втор пораз за Македонија од Австрија, по оној вчерашниот со 31-25, а следни контроли пред настапот на ЕП, нашата селекција ќе има на „Трофеј Карпати“ со Романија, Швајцарија и Словачка.