Женската кадетска репрезентација на Македонија ги загуби шансите за пласман меѓу 9 и 16 место, откако загуби од Шведска со убедливи 42-23.
Овој пораз значи и крај на надежите дека може да биде изборен пласман на Мундијалот следната година, па сега Македонија оди во борба од 17 до 24 место и опстанок.
Голем број технички грешки, нападот без многу идеја, слаба реализација на бековите (Балоска и Беровиќ имаа шут 7/27) и малку голмански одбрани се причините за високиот пораз.
Тој беше најавен уште по првото полувреме, кога Швеѓанките водеа со 20-13, а второто полувреме мина во нивна комплетна доминација.
По 2-2 на стартот скандинавскиот ривал веднаш почна да се одлепува, отиде на 7-2 и веќе беше јасно каков натпревар ќе гледаме до крајот.
Утре е ден одмор, следуваат две пресметки в четврток и петок во битката за пласман од 17 до 24 место, но и за опстанок меѓу најдобрите европски селекции.