Македонија со три теста пред ЕП – ќе игра на турнир во Швајцарија

Maшката репрезентација на Македонија ќе има три проверки пред настапот на Европското првенство во Данска, Шведска и Норвешка.

Избраниците на Кирил Лазаров ќе бидат дел од „Жолтиот Куп“ во швајцарскиот град Винтертур од 8 до 10 јануари.

Покрај домаќинот Швајцарија, противници на македонските ракометари ќе им бидат и селекциите на Украина и Бахреин.

Првиот дуел е на 8 јануари против Бахреин од 20:00 часот, следниот ден ќе играме против Украина од 17:45 часот, додека на 10 јануари е пресметката со Швајцарија од 18:00 часот.

Македонската експедиција веднаш по настапот во Швајцарија ќе замине за Данска, каде што првиот натпревар го игра на 16 јануари против домаќинот.

Противници во групата на Македонија освен домаќинот Данска, ќе и бидат уште и Португалија и Романија.