Македонија со празни раце, вајлд-картата за СП 2025 кај друга балканска држава!

Светската ракометна федерација ја додели втората вајлд-карта за Светското првенство Хрватска. Ова ќе биде деветто учество на хрватската женска репрезентација на светските шампионати.

По завршувањето на квалификациите, ИХФ доби официјални барања за вајлд-карта од четири национални федерации: Хрватска, Литванија, Македонија и Словенија.

Ракометната федерација покажа дека се грижи за женскиот репрезентативен ракомет и испрати апликација за вајлд-карта до ИХФ, но реално шансите за добивање не ни беа големи покрај Словенија, а особено Хрватска.

Според објавата на ИХФ, доделувањето на вајлд-картите се базира на повеќе фактори, вклучувајќи ја популарноста на ракометот во земјата, спортските резултати и влијанието на учеството врз глобалниот развој на ракометот.

ИХФ го истакна големото интересирање за ракометот во Хрватска, поткрепено со рекордна гледаност за време на Светското првенство за мажи 2025, каде хрватската машка репрезентација освои сребрен медал. Женската репрезентација на Хрватска исто така покажа добра форма во квалификациите, со тесна елиминација од Шпанија со вкупен резултат 44:49.

Ждрепката за групите на СП 2025 ќе се одржи на 22 мај.