Женската сениорска репрезентација на Македонија повторно имаше лошо издание на „Кроација Куп“, загуби и од Србија со 33:21.
Избраничките на Кристијан Грчевски на вчерашниот натпревар, против Хрватска, беа поразени со 26:18.
На двата последни контролни дуели шанса имаа сите ракометарки, со цел да се види која ракометарка во каква форма е пред настапот на континенталниот собир.
Србија до убедливата победа дојде со одличната игра во второто полувреме, во кое целосно доминираше. Македонија за 30 минути даде девет, а прими 17 гола, додека во вторите 30 минути составот на Грчевски целосно капитулираше.
Ривалот на Македонија во поголемиот дел од второто полувреме константно водеше со 10 до 11 разлика, нашата репрезентација се обидуваше да дојде до помала негатива, но грешките во нападот си го направија своето и високиот пораз беше неизбежен.
Најефикасна во составот на Македонија беше Андреа Седлоска со шест гола, по три имаа Ива Младеновска, Сара Ристовска и Јована Саздовска. Кај Србија прв стрелец беше Анѓела Јањушевиќ со пет гола.
Ракометарките на Македонија во рамки од групната фаза за ривали ги имаат репрезентациите на Шведска, Унгарија и Турција на континенталниот собир, а најдобрите две ќе продолжат во главната фаза.