Simona STOJKOVSKA and Petra Anita FÜZI-TÓVIZI, North Macedonia vs Hungary, Women's EHF EURO 2024, Austria, Hungary, Switzerland, 02.12.2024, Mandatory Credit © Axel Heimken / kolektiff

Македонија со пораз од Унгарија го заврши настапот на ЕП

Женската репрезентација на Македонија со пораз го заврши настапот на Европското првенство 2024, откако во последното коло од групната фаза загуби од Унгарија со 29:19. По доброто прво полувреме, во кое „црвено-жолтите“ добро парираа, но и водеа, во вториот дел дојде до израз квалитетот меѓу двете репрезентации.

По двете грешки на двете страни во првите минути, првиот гол на натпреварот го постигнаа домаќинките за 1:0. Македонија во третата минута со голот на кружниот напаѓач Ивана Џатевска израмни на 1:1, а минута подоцна Ристовска од контра погоди за 2:1.

По пет минути игра на семафорот имаше две петки, а Унгарија, поради пласманот во главната фаза, не играше на ниво, но и нашата репрезентација не ги искористуваше грешките на домаќинот. Беше 4:4 во 10-та минута, а во следниот период продолжи играта гол за гол.

Македонија поведуваше, Унгарија израмнуваше, а по нерешените 6:6 нашата репрезентација со два гола во низа дојде до плус два, 8:6 во 15 минута. Следуваше мала криза во таборот на Македонија, која шест минути беше без реализација, па така Унгарија со серија од 3:0 го презеде водството, поведе со 9:8 во 22 минута. До крајот на полувремето продолжи големата борба, а домаќинките беа повеќе пофокусирани и на полувреме заминаа со плус 1, 11:10.

Лошиот старт во вториот дел беше причина Унгарија да направи серија од 5:0 и во 37 минута дојде до плус шест, 16:10. Избраничките на Грчевски во периодот од 27 до 38 минута беа без гол, а кризата ја прекина Џатевска, која намали на 16:11.

Како одминуваше времето, така Унгарија ја зголемуваше разликата, во 40 минута дојде до дотогаш највисоките плус девет, 21:12. Во последните 20 минути ништо не се смени, Унгарија доминираше на теренот, а Македонија во вториот дел успеа да постигне девет гола.

Најефикасна во репрезентацијата на Македонија беше Сара Ристовска со шест гола, Петковска натпреварот го заврши со 10 интервенции, додека Мицевска имаше една.