Македонија со пораз од Полска го отвори „Трофеј Карпати“

Кадетската машка репрезентација со пораз од Полска со 39-29 го отвори настапот на „Трофеј Карпати“.

Во првите десетина минути се играше со гол за гол, до 8-8, со брзи погодоци на двете страни. Потоа Полјаците полека ја преземаа контролата на теренот, поведоа со 17-11 по неколку грешки во серија на нашите репрезентативци, за момент Македонија намали на 19-16, но со два гола по ред ривалот на пауза замина со пет плус, 22-17.

Во второто полувреме ништо особено не се смени во играта на Македонија, селекторот ротираше и им даде шанса на повеќето ракометари, а ривалот тоа го искористи за да ја дуплира предноста и рутински да ја доврши започнатата работа.

Најдобри стрелци во македонскиот состав беа Поповски со пет гола, а по четири пати погодија Јовиќ, Ѓорѓиевски и Дамчевски, додека голманот Фехми имаше пет одбрани.

Следен предизвик за Македонија на „Трофеј Карпати“ ќе биде дуелот со домаќинот Романија, утре од 15:00 часот, додека в недела од 9:00 наутро е пресметката со Србија.