Женската репрезентација на Македонија со очекуван пораз од Шведска со 28-18 го отвори настапот на Европското првенство во Унгарија, Швајцарија и Австрија. Нашите ракометарки отворија солидно, но потоа во финишот на првиот дел скандинавскиот ривал почна да ја прави разликата. На стартот на вториот дел исто така имавме лош период, разликата отиде и на 16 гола, но во финишот и Македонија погодуваше во серија, па на крајот поразот беше помал.
Македонија добро го отвори натпреварот и поведе со 3-1. Мицевска фати зицер, а Кипријановска со два проектили и Маџовска ја совладаа Бундсен, но Хагман искористи пенал за реми по десетина минути игра, 3-3.
Следуваа две грешки во македонскиот напад, тоа беше казнето со погодоци во нашата мрежа од контри за 6-3, па Грчевски мораше да реагира со тајм-аут. Се стабилизира предноста на Шведска на плус три, но наоѓавме решенија во нападот.
Шведска играше со најсилниот ростер, на теренот беа Робертс, Блом, Хагман, Бундсен, Ликвист…но потоа и Акснер ги изротира сите ракометарки. Грчевски исто така им даде шанса на Стефаноска, Јанкуловска, Дамјаноска, Арсениевска…
По 9-6 во 15 минута, немаше гол на двете страни пет минути, пред Кипријановска да го прекине постот за 9-7. Следуваа две технички грешки на Македонија и набрзина казнија Швеѓанките за 13-7, па Грчевски повика втор тајм-аут.
Не се сменија многу работите, Шведска пак даде гол за 14-7, па уште една грешка на Македонија и погодок на празен гол за 15-7. До паузата немаше нови голови, туку грешки на двете страни.
Второто полувреме го отворивме катастрофално лошо со многу технички грешки и промашени шутеви, а за тоа време противникот ја полнеше македонската мрежа и беше 20-7. Постот на Македонија го прекина Ристовска, но и натаму продолжи лошата серија.
Во еден момент негативата беше 16 гола, пред Ѓорѓиевска да погоди по цепелинот на Саздовска, а и Ристовска погоди два пати во серија за 26-12. До крајот немаше многу возбудувања на теренот и Шведска само рутински го доврши мечот.
Во македонскиот состав по три гола имаа Младеновска, Кипријановска, Ристовска и Јанкуловска, додека голманката Мицевска запиша 11 интервенции. Кај Шведска, десното крило Хагман даде девет гола.
Следен предизвик за Македонија ќе биде мечот со Турција, кој е закажан за 30 ноември од 20:30 часот, додека на крајот на групната фаза ќе биде дуелот со домаќинот Унгарија на 2 декември од 18:00 часот.