Женската репрезентација на Македонија со пораз ги отвори квалификациите за ЕП 2026, откако загуби на гостувањето кај Германија со 34-18.
Македонија имаше само четири голмански одбрани, наспроти 12 на домашните голманки Филтер и Вахтер, а нашите ракометарки направија 19 технички грешки наспротив десетте домашни, па тука можат да се бараат причините за високиот пораз. Лохтер и Хауф дадоа по пет гола за Германија, додека Ризоска беше најдобра во македонскиот состав со осум погодоци.
Македонија отвори со водство 1-0 преку Ризоска од пенал, но потоа следуваше серија на домаќинките од пет гола за 5-1. Нашите ракометарки играа седум на шест во подолго време во првиот дел, тоа вроди со плод за момент, кога Македонија намали на 8-6, а имаше и напад за минус еден.
Не беше искористен уште еден напад и казната стигна преку Лохтер за 10-7, па колата тргна низ брдо. На полувремето домашните имаа плус шест, 14-8, а вториот дел мина во комплетна доминација на бундес тимот.
Грчевски се обидуваше со неколку промени да ја најде вистинската седморка, што ќе може да пружи посилен отпор, но тоа не се случи, па во последните десетина минути Германките се разиграа уште повеќе и се изнадаваа голови.
Следен предизвик за Македонија ќе биде домашниот натпревар со Словенија, што е закажан за 19 октомври во салата „Боро Чурлевски“ во Битола со почеток во 18:00 часот.