Македонија со победничко отворање во Швајцарија – совладан Бахреин!

Машката репрезентација на Македонија ја запиша првата победа во пријателските натпревари пред Европското првенство во Данска, Шведска и Норвешка, откако славеше над Бахреин со 32-28, во првото коло од „Жолтиот куп“ во швајцарскиот град Винтертур.

Селекторот Лазаров за овој дуел не сметаше на Марко Кизиќ, а по едно полувреме поделија Никола Митревски (седум одбрани) и Мартин Томовски (седум одбрани). Шанса за настап добија сите 18 ракометари што ги имавме на располагање и имаше многу ротации, кои не се одразија на резултатот.

По почетните 2-2, Македонија почна да се одлепува, а по десетина минути Роберт Хедин побара тајм-аут при 4-2. Митревски беше одличен на голот, а нашите момци за првпат водеа со три гола со голот на Аларов по НБА асистенцијата на Митев, 8-5.

Нововлезениот Ѓорѓиев стрелаше за четири гола залиха за македонската репрезентација, 11-7, а по 14-10, следуваа две наши промашувања, што Бахреин го искористи да намали на минус два на паузата, 15-13.

Во второто полувреме Бахреин заигра подобро, во еден момент стигна и да поведе за првпат на мечот, 20-19, но Томовски фати пенал, потоа ривалите промашија уште еднаш и Македонија одново беше во предност, 21-20.

Работите дојдоа на свое место, одново бевме на плус три, но Бахреин не се предаваше, па Лазаров побара тајм-аут на десетина минути до крајот, откако Аларов вторпат беше исклучен.

Маркоски беше прецизен, потоа и Кузмановски со два гола во серија казни две грешки и веќе беше 29-24, па немаше дилеми околу победникот на овој натпревар. До крајот само рутински беше одработена задачата.

Најдобар стрелец во македонскиот состав беше капитенот Филип Кузмановски со девет гола, а по пет дадоа Мартин Велковски, Иван Џонов и Ненад Костески. Утре Македонија од 17:45 часот ќе игра против Украина, додека в сабота е пресметката со домаќинот Швајцарија од 18:00 часот. Швајцарците во првото коло беа убедливи против Ураина и славеа со 38-27.