Македонија со плус четири на пауза против Фарски Острови

Mашката репрезентација на Македонија води со 19-15 по првото полувреме на реваншот од бараж двомечот против Фарски Острови за пласман на Светското првенство 2025 година.

Гостите од Фарски Острови на стартот лесно ја пробиваа македонската одбрана, иако Никола Митревски имаше две одбрани по ред. Се играше гол за гол, но и голманот Јакобсен исто така фати два удари.

Фараните изненадувачки тргнаа со игра „седум на шест“ и на стартот тоа им даваше плод, но примија два гола на празна мрежа и Македонија за првпат поведе со плус два, 7-5, по девет минут игра.

По 8-6, имавме шанса за плус три, но Кузмановски промаши пенал, а потоа и Јакобсен му одбрани зицер на Јагуриновски, па Фарски Острови се врати на минус еден негатива.

Гостите премногу театрално паѓаа по македонските стартови, но судиите не наседнуваа на тоа. Томовски го замени Митревски и веднаш запиша одбрана, а Костески за првпат на спротивната страна донесе плус три, 12-9.

Како одминуваше времето така нашите ракометари ја стефаа одбраната, а во нападот беа прецизни, па предноста се зголеми на плус пет, 15-10. Нападот за шест гола разлика не беше реализиран и казната стигна преку Мортенсен.

Во финишот гостите се изборија за минус три, но Митев во последните секунди донесе плус четири, 19-15, иако нападот немаше многу идеја. Со четири гола токму Митев е најдобар стрелец, додека по три пати погодија Серафимов, Кузмановски и Пешевски.