Gréta MÁRTON and Jovana KIPRIJANOVSKA, North Macedonia vs Hungary, Women's EHF EURO 2024, Austria, Hungary, Switzerland, 02.12.2024, Mandatory Credit © Jozo Cabraja / kolektiff

Македонија со негатива од еден гол на полувреме против Унгарија

Женската репрезентација на Македонија има минимална негатива од 11:10 против Унгарија во натпреварот од 3. коло од групната фаза на ЕП 2024. Една од најзаслужните за ваквиот исход на полувреме беше голманката Драгана Петковска, која во првиот дел забележа шест интевренции.

По двете грешки на двете страни во првите минути, првиот гол на натпреварот го постигнаа домаќинките за 1:0. Македонија во третата минута со голот на кружниот напаѓач Ивана Џатевска израмни на 1:1, а минута подоцна Ристовска од контра погоди за 2:1.

По пет минути игра на семафорот имаше две петки, а Унгарија, поради пласманот во главната фаза, не играше на ниво, но и нашата репрезентација не ги искористуваше грешките на домаќинот. Беше 4:4 во 10-та минута, а во следниот период продолжи играта гол за гол.

Македонија поведуваше, Унгарија израмнуваше, а по нерешените 6:6 нашата репрезентација со два гола во низа дојде до плус два, 8:6 во 15 минута. Следуваше мала криза во таборот на Македонија, која шест минути беше без реализација, па така Унгарија со серија од 3:0 го презеде водството, поведе со 9:8 во 22 минута. До крајот на полувремето продолжи големата борба, а домаќинките беа повеќе пофокусирани и на полувреме заминаа со плус 1, 11:10.