Полска од денеска е светскиот центар на младинскиот ракомет! Од 11:45 часот, 32 репрезентации од целиот свет ќе започнат борба за титулата на Светското првенство за ракометари до 21 година. Во четири града – Келце, Плоцк, Катовице и Сосновиец, ќе се одиграат 16 воведни меча кои ќе го отворат патот до тронот.
Македонија се враќа по осум години на младинските Мундијали, откако последен пат генерацијата на Кузмановски, Талески, Томовски…на СП во Алжир предводена од Илија Темелковски, го оствари најголемиот успех освојувајќи го шестото место.
Момците на Раде Стојановиќ денес од 14:00 часот во Катовице го игра првиот натпревар против Фарски Острови, во меч кој ќе биде клучен за амбициите на двете селекции. За Македонија ова е прв настап на Мундијалот по 2017 година, и шанса оваа талентирана генерација да го заврши циклусот со голем успех.
„Очекувам да го дадеме максимумот на нашиот последен голем турнир заедно. Верувам во себе и во моите соиграчи. Се надевам дека на ова Светско ќе постигнеме најдобар пласман досега,“ изјави капитенот Андреј Стојановски за 24Ракомет.
Македонија настапува со тим кој го освои деветтото место на младинското ЕП во 2024 година, каде доминираше со цврста одбрана и разноврсен напад, но сега ќе мора да се снаоѓа без Самоил Ристевски и Дамјан Митев, кои се повредени.
Иако добија вајлд-карта, Фарските Острови не се аутсајдери. Тие се седми на последното првенство СП 2023, а пред тоа беа 16 во 2017. Вниманието го привлекува нивниот лидер, Оли Митун, кој блескаше на Светското за кадети во 2023 како најдобар стрелец и најдобар централен бек на турнирот.
Првиот ден на првенството носи 16 натпревари, вклучително и дебито на Мексико, кое за првпат учествува на ова натпреварување. Австрија се враќа по пауза од 28 години, а Шпанија, Шведска и Данска го бележат својот 24. настап – најмногу во историјата на турнирот. Египет, пак, учествува 18. пат по ред.
СП младинци, Полска, 1 коло:
ГРУПА А
🕓 16:15 Норвешка – Словенија
🕕 18:30 Полска – Уругвај
ГРУПА Б
🕚 11:45 Австрија – Аргентина
🕑 14:00 Унгарија – Бразил
ГРУПА Ц
🕓 16:15 Шведска -Јужна Кореја
🕕 18:30 Јапонија – САД
ГРУПА Д
🕚 11:45 Португалија – Алжир
🕑 14:00 Хрватска – Канада
ГРУПА E
🕓 16:15 Данска – Мароко
🕕 18:30 Франција – Мексико
ГРУПА Ф
🕚 11:45 Исланд – Романија
🕑 14:00 Македонија – Фарски Острови
ГРУПА Г
🕕 18:45 Тунис – Швајцарија
🕘 21:00 Германија – Србија
ГРУПА Х
🕚 11:45 Шпанија – Бахреин
🕑 14:00 Египет – Саудиска Арабија