Женската кадетска репрезентација го освои првиот бод на Европското првенство во Црна Гора, откако одигра 29-29 со селекцијата на Португалија. Избраничките на Даниела Новеска губеа со шест гола на стартот на вториот дел, но успеаја херојски да се вратат, имаа акција за плус два во финишот, но примија гол и во последниот напад не упатија шут кон противничкиот гол за победа.
Двете селекции ја продолжуваат битката за пласман од 13 до 24 место на ЕП, а со тоа и битката за место на СП за кадетки што се игра следната година.
Голманката Илиоска имаше добра партија со шест одбрани и еден пенал, Дуновска исто така фати два противнички удари и еден седмерец, а во нападот се истакнаа Беровиќ со седум и Димоска со пет погодоци, додека по четири имаа Тодоровска и Балоска.
Во првиот дел Македонија беше во егал до 8-8, потоа ривалот направи серија и замина со 15-10 на пауза, а водството на стартот на второто полувреме беше шест гола, 18-12. Потоа почна херојскиот камбек со разновиден напад, подвижна одбрана на чело со Илиоска, и казнување на сите грешки, па Македонија поведе со 23-22.
Во последните пет минути се играше гол за гол, а откако Беровиќ украде топка, но веднаш згрешки, Португалија израмни на 29-29 и останаа дваесетина секунди за македонски напад. Беше побаран тајм-аут од македонската клупа, но не беше упатен удар кон голот и на крајот мечот заврши реми.
Следни ривали на Македонија в понеделник и вторник ќе бидат селекциите на Шведска и Турција.