Машката кадетска репрезентација на Македонија обезбеди пласман на Европското првенство во Србија наредната година, откако славеше против Луксембург со 25-17. Било каква победа не носеше на континенталниот собир од првото место во групата, а тоа го остварија на терен избраниците на Горан Кузманоски. Македонија го освои првото место со четири бода, но и најдобар меѓусебен скор со Финска и Грција, кои исто така имаат по четири. На ЕП покрај Македонија, оди и Финска, која има иста гол-разлика со третопласираната Грција, -3, но повеќе постигнат еден гол.
Иако и на овој меч имаа осцилации во играта, сепак на крајот успеаја убедливо да ја минат и последната пречка, па ќе имаат можност да ги покажат своите квалитети и против најдобрите во Европа. Ударна игла во нападот беа Поповски со шест и Ѓеоргиески со пет гола, по четири дадоа Вујичевски и Николоски, по два пати стрелаа Петрески и Симоновски, додека по еднаш погодија Ѓеоргиевски и Трсунов.
По почетните 3-3, Македонија почна да ја прави разликата и во еден момент отиде на плус пет, 11-6, откако кружниот напаѓач Вујичевски успеа да погоди три пати по ред во противничката мрежа.
Николовски беше одличен на голот, потоа и Фехми запре два удари од седум метри на домаќините и Македонија ја одржуваше разликата од пет гола до паузата, 13-8. Во финишот Думон намали на 13-9, резултат со кој се замина на одмор.
Вториот дел започна лошо за Македонија, домаќинот успеа да стигне до реми, 13-13, откако Петрески беше исклучен, пенал не реализираше Ѓеоргиески, а зицери промашија Симоновски и Костов.
Домаќинот не искористи две прилики за водство, па конечно Ѓеоргиески ја прекина црната серија и Македонија по осум минути во вториот дел постигна погодок. Трсунов направи две грешки, но и противникот не реализираше.
Десниот бек Поповски врза три гола во серија за 17-14 кога остануваа уште петнаесетина минути за игра, а домаќинот почна да паѓа во ритамот. Кога отидовме на плус пет, 19-14, веќе беше полесно да се игра и до крајот немаше многу дилеми околу победникот и македонскиот пласман на ЕП.
ЕП ќе се игра во Србија од 29 јули до 9 август, а ривалите Македонија ќе ги дознае на почетокот на 2026 година.


























