Женската репрезентација на Македонија обезбеди место на Европското првенство во Австрија, Швајцарија и Унгарија, откако славеше на гостувањето кај Азербејџан лесна победа со 37-22. За и математички да биде потврден пласманот на континенталниот собир од второто место во групата, треба Шпанија да ја совлада Литванија, но и покрај тоа нашите ракометарки може веќе да мислат на ЕП, бидејќи пласман обезбедуваат и најдобрите четири третопласирани од квалификациите.
Избраничките на селекторот Кристијан Грчевски отворија со водство од 4-0, а првиот гол го примија дури по шест минути игра. Но домашните по тајм-аутот на Рева се вратија во егал и успеаја да израмнат на 5-5.
При 7-7 имаа и напад за водство, но не го искористија, па беа казнети од Саздовска. Потоа погоди и Ристовска од пенал, па од контра и Македонија се одлепи на плус четири одново, 12-8. Не форсираа нашите ракометарки, па на пауза заминаа со плус седум, 19-12.
По десетина минути игра во вториот дел Македонија се одлепи на десет гола разлика, 27-17 и веќе беше јасно дека со висок триумф ќе се вратиме од Баку. Бајрамова беше закана кон нашиот гол, но и таа во второто полувреме немаше многу решенија во нападот, па Македонија рутински го доработи натпреварот.
Седум гола постигна Јована Саздовска, шест даде Сара Ристовска, додека пет пати стрелаше Ана Марија Коларовска. Во составот на Азербејџан се истакна Бајрамова со седум погодоци.
Капитенот Ѓорѓиевска цел меч остана на клупата, а сите други добија шанса за настап на овој натпревар. Селекторот Грчевски испроба повеќе комбинации за во иднина, а слично веројатно ќе биде и на последната средба со Литванија. На голот по едно полувреме бранеа Мицевска и Петковска, на линијата играа Џатевска и Гакидова, додека деби за сениорките имаше и Сара Стефаноска.