Машката младинска репрезентација на Македонија одигра само реми, 20-20, со селекцијата на Австрија и не успеа да се пласира во ТОП 8 на Европското првенство во Словенија. Иако имавме напад за победа на овој натпревар, сепак противникот не ни дозволи да упатиме удар кон голот, па мечот заврши реми што и одговараше на Австрија. Ова значи дека Македонија го освои второто место во групата зад Австрија, но тешко дека ќе биде најдобра второпласирана, бидејќи тоа ќе бидат Германија или Португалија од групата Б. Една од овие две селекции ќе има 4 бода на крај (или ако одиграат реми по 5), но имаат многу подобра гол-разлика од Македонија. За да се случи чудо и Македонија да биде во ТОП 8, треба Германија да ја победи Португалија со 13 гола или пак Португалија да слави над Германија со 11, што е малку веројатно дека ќе се оствари.
Отворивме лошо и по десетина минути Австрија водеше со 4-1. Иако Галевски фати два зицери, сепак нападот немаше премногу идеја, а и кога доаѓавме до позиција, Бергман одлично ги читаше нашите ракометари. Првиот гол од игра за Македонија беше дело на Белистојаноски по 12 минути игра за 4-2. Истиот играч намали на 4-3, но судиите не размислуваа многу да доделат две минути казна или да кренат рака за пасивен напад кога се работеше за Македонија.
По негативата 6-4, Узунчев и Шулески искористија две шанси и ја вратија Македонија во егал, 6-6 по дваесетина минути игра. Сепак следуваа две технички грешки, кои набрзина беа казнети и Австрија одново се одлепи на плус три, 9-6. Судиите почнаа да ги санкционираат и противниците со казни за острата игра, па Австрија остана во еден момент и со двајца помалку на терен, па негативата сега беше само минус еден по головите на Узунчев и Белистојаноски.
Галевски одново им фати уште два удари, а Белистојаноски стрелаше за 9-9. Потоа Брестовац одбрани пенал, добивме напад и за водство, кој не беше реализиран па казната стигна. Се одбранивме и на петнаесетина секунди до крајот тргнавме во последен напад кој заврши со груб фаул над Узунчев. Но наместо казна за Австријците, исклучување доби Димковски, а поради што не е јасно. Последниот шут на Митев од слободен удар заврши во блокот и на пауза се замина со 11-10 за Австрија. На оваа акција му претходеше црвениот картон за Карасманакис, кој поради еден фаул, не толку остар, мораше да се пресели на трибините.
Второто полувреме Македонија го започна со двајца играчи помалку на теренот, но и покрај тоа Ристевски донесе реми. По двете одбрани на Галевски следуваше прво водство за нашите момци преку голот на Михајловиќ, а имавме две неискористени шанси за плус два, па казната стигна преку Мелешинг за 14-14. Македонската одбрана изгледаше одлично, нападот исто така и на петнаесетина минути до крајот, момците на Стојановиќ почнаа да ја преземаат контролата на теренот кога беше 16-14.
Галевски одново се истакна со двојна интервенција, а Белистојаноски од втор обид успеа да и донесе плус три на Македонија за првпат во мечот, 17-14. Не искористивме две шанси во продолжение, нашата клупа доби две минута казна за приговор, па Австрија со серија од четири гола, од кои последните два беа дело на голманот Бергман на празен гол, се врати во водство, 18-17.
Мелешинг стартуваше остро на раката на Шулески, иако беше „печен“ за црвен картон, доби само две минути казна, а пеналот во гол го претвори Узунчев за реми и се мораше да тргне од нула. Беше и 19-19, а голманот Бергман го запре ударот на Белистојаноски за ново водство на Македонија кога имаше да се играат уште три минути.
Мелешинг биеше од слободен удар и погоди за предност на Австрија, но набрзина израмни Шулески. Галевски одбрани и на четириесетина секунди до крајот Македонија тргна во напад за победнички гол. Стојановиќ повика тајм-аут, советите беа да се оди на долг напад. Не успеавме да погодиме и мечот заврши реми, 20-20. Најдобри стрелци во македонскиот состав беа Узунчев со осум и Шулески со пет гола, а на голот блескаше Галевски со 15 интервенции.
Следно за младинците ќе биде разигрувањето за пласман од 9 до 16 место, а ривалите ќе бидат дополнително познати.