Селекцијата на Словачка ќе биде последната пречка за Македонија на патот кон Светското првенство во Германија наредната година.
По триумфот на првиот меч со 27-24 против Украина, Словачка загуби дома со 32-31, но и покрај тоа обезбеди место во третиот бараж за СП.
Украинците може да жалат, затоа што во текот на мечот имаа водство од шест голови во повеќе наврати, а на пауза отидоа со предност, 20-15.
Но лошиот старт на второто полувреме, кога домаќините успеаја да се вратат во егал, 23-23, ги чинеше скапо Украинците. Потоа се играше гол за гол, па Словаците можеа да бидат мирни околу прогресот во следната фаза.
Капитенот Љубомир Дуриш го одигра последниот репрезентативен натпревар за Словачка и постигна три гола, а најдобри стрелци беа Бријатка со осум, Прокоп со пет и Сметанка со четири погодоци. Голманите Зернович и Конечни запишаа 13 интервенции. Кај Украина осум гола даде Турченко.
Првиот меч меѓу Македонија и Словачка ќе се игра на 13/14 мај во Братислава, Кошице или Бистрица, додека реваншот ќе биде во Скопје на 17 мај.

























