По поразот од Фарски Острови во првото коло, машката младинска репрезентација на Македонија загуби и од Романија со 28-27 во второто коло од Светското првенство во Полска. Иако имавме плус пет разлика во повеќе наврати, на крајот натпреварот влезе во драматична завршница и противникот успеа да слави. За Македонија останува дуелот со Исланд од групната фаза и потоа разигрувањето з апласман.
Романците отворија со водство од 2-0, но Македонија веднаш се врати во егал и израмни на 2-2. Судиите престрого го исклучија капитенот Стојановски, но успеавме да ги издржиме тие две минути со играч помалку, а Романците промашија на празен гол.
Првото водство Македонија го имаше преку Марио Стојановски, кој донесе 6-5, а потоа по двете промашувања на Романците, казнија момците на Стојановиќ за 8-5 и го принудија романскиот селектор да бара тајм-аут по петнаесетина минути игра во првиот дел.
Најдобриот романски играч Станчиук повторно како и против Исланд ги влечеше конците во играта на ривалот, но сега немаше поддршка од соиграчите, па Македонија отиде на плус четири, 10-6, а имаше и шанса за плус пет. Не беше реализирана, противникот казни и Стојановиќ побара минута одмор.
Пивотот на Романците, Данчеа, заработи црвен картон по еден опасен старт над Стојановски, но потоа и Македонија остана без Димевски. Тоа не беше пречка, па нашите момци и со играч помалку два пати погодија и предноста порасна на шест голови, 14-8.
Нападот три пати погреши и Романците ја преполовија разликата, 14-11 кога остануваа да се играат уште три минути од првиот дел. Искористивме две грешки на Романија и на пауза Македонија имаше водство од пет гола, 17-12.
На стартот на вториот дел исклучени беа Карасманакис и Марио Стојановски, но предноста остана за Македонија, 20-15. Романците се доближија на минус три по промашувањето на Димевски, имаа и шанса за минус два по одбраната на Подовеи, но Галевски ги запре, а потоа погоди и на празен гол за 22-17.
Македонскиот напад малку затаи во продолжение, пa му дозволивме на противникот да се врати на минус еден, 23-22. Серијата ја прекина Карасманакис со гол за 24-22, имаа Романците шанса и за реми, но ги спречи Галевски. Потоа следуваа уште две наши промашувања и стигна казната, 24-24 на десетина минути до крајот.
Се разбрани и Подовеи на романскиот гол, па се мораше од нула. Двете селекции промашија по два напади и на шест минути до крај, остана реми. Потоа и Македонија и Романија реализираа набрзина за 26-26, а во една акција се повреди Узунчев и мораше надвор од игра.
Станчиук и донесе водство на Романија, 27-26, а на спротивната страна промаши Димковски, потоа и Стојановски, па во последните 60 секунди се влезе со предност и напад за ривалот. Беа во пасивен напад Романците, но најдоа решение и на крајот погодија за победа, 28-26.
Македонија: Брестовац, Белистојаноски 3, Галески 1, Шулески, Стојановски 1, Димковски, Петковски 2, Карасманакис 4, Субашевски 1, Димевски 3, Стојановски, Михајловиќ, Калајџиески 5, Д.Узунчев 7, Глигоров, Дамјаноски